Новак Ѓоковиќ со ново импресивно издание стигна до билет за полуфиналето на УС Опен, но пред српскиот тенисер допрва следат најголемите предизвици. Тој во полуфиналето за ривал ќе го има вториот носител Карлос Алкараз, а во случај на триумф во финалето најверојатно ќе налета на бранителот на троејот Јаник Синер.
Алкараз се уште нема загубено ниту еден сет на УС Опен годинава, но Ѓоковиќ верува дека максимално подготвен ќе го дочека полуфиналниот дуел. Воедно, спрскиот ветеран најави дека ќе стори се за да ги замрси сметките на првите двајца носители на овој гранслем турнир.
„Сигурно нема да ми биде полесно од досегашните мечеви. Морам да се подготвам добро, важно ќе биде моето тело да биде доволно физички подготвено бидејќи кога играте со Карлос, тука нема кратки поени, потенцијално можеме да одиме и до пет сета… Знам дека ќе морам да го покажам мојот најдобар тенис, но јас секогаш сум сакал да играм големи мечеви на најголемите турнири. Не мораме да трошиме зборови за Синер и за Алкараз, тие се најдобри во светот во моментов и сите очекуваат нивна пресметка во финалето… јас сепак ќе се обидам да им ги расипам плановите, па да видиме што ќе се случи… Се надевам дека ќе бидам доволно подготвен да одиграм егал-дуел со Карлос“, истакна Ѓоковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

