Новак Ѓоковиќ со импресивно издание стигна до четвртфиналето на УС Опен откако српскиот тенисер полесно го очекувањата го совлада Штруф со максимални 3-0 во сетови. Германскиот тенисер во претходните две рунди забележа големи победи, но овојпат немаше никаква шанса за сензација, откако Ѓоковиќ му препушти само осум гејма во текот на целиот меч (6-3, 6-3, 6-2).
Со тоа, Новак стигна до своето 64. четвртфинале на гранслем турнирите, со што урна уште еден рекорд што беше сопственост на Роџер Федерер (63). Исто така, Ѓоковиќ стана и највозрасниот четвртфиналист на УС Опен по Џими Конорс во 1991 година, Србинот до овој успех стигна на возраст од 38 години и 102 дена.
Новак допрва го очекува огромен предизвик ако се знае дека во четвртфиналето за противник ќе го има домашниот миленик Тејлор Фриц. Американецот во синоќешното осминафинале експресно го реши Чехот Мачак со 6-4, 6-3, 6-3, закажувајќи си пресметка со најдобриот тенисер на сите времиња.
Победникот од ова четвртфинале потоа во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од дуелот Алкараз – Лехецка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

