Новак Ѓоковиќ не го криеше разочарувањето откако денеска загуби од Каспер Руд, не успевајќи да се пласира во големото финале од турнирот во Монте Карло.
Србинот важеше за голем фаворит против ривалот од кого досега немаше пораз во кариерата, но потфрли во клучните моменти и на крајот мораше со наведната глава да го напушти теренот.
„Секако дека сум разочаран кога ќе загубам еден ваков неизвесен меч. Каспер заслужува честитки, играше многу добро, особено на почетоците од првиот и од третиот сет. Јас имав свои шанси, но последниот гејм беше многу лош од моја страна, направив премногу неизнудени грешки“, изјави Ѓоковиќ.
Најдобриот светски тенисер не може да биде задоволен од почетокот на годинава, ако се знае дека веќе сме на средина од април, а Новак се уште е без трофеј во 2024.
„Си поставив високи стандарди во пресрет на оваа сезона, така што секако не е добро што во овој дел од годинава немам ниту еден трофеј. Сепак, играв на само три турнири, стигнав до полуфиналето во Австралија, исто така полуфинале овде… секогаш постојат сезони што не ги почнувате најдобро, оваа е таква за мене. Сепак, верувам дека играв добар тенис во Монте Карло и тоа ми дава надеж дека ќе ја кревам формата и на следните турнири ќе играм уште подобро“, оптимист е прворангираниот светски тенисер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

