Новак Ѓоковиќ ги демантира информациите дека е партнер со Жерар Пике и дека заедно инвестираат во новиот систем на Дејвис купот. Во интервју за „Паризиен“, српскиот тенисер ја поздравува одлуката за стартување на новото натпреварување и појаснува дека тој само го поддржал проектот, но не е во никакви деловни односи со фудбалерот на Барселона.
Меѓународната тениска федерација (ИТФ) ја потврди соработката со компанијата Космос која е во сопственост на Жерар Пике, и договорот на 25 години вреден 3 милијарди долари со кој се реформира Дејвис купот. ИТФ одлучи да креира нов голем турнир што ќе се игра на крајот на секоја година и ќе претставува Светско екипно превенство во тенис. Медиумите пренесоа дека еден од учесниците во договорот е и Новак Жоковиќ.
„Се изненадив кога го слушнав тоа. Не сум дел од таа група што го финансира проектот. Нагласувам – не сум деловен партнер со Жерар Пике. Како претседател на Унијата на тенисери и како човек што го сака спортот, само настојувам да помогнам. Помина година и пол откако го видов Пике дека доаѓа на турнирите. Вложи големи напори со неговите соработници, многу е ангажиран. Јас се трудев да помогнам. Можеби ме доведоа во врска бидејќи често бев во контакт со Пике. Пријатели сме, но и поради тоа што сум претседател на Унијата на тенисери. Бев вклучен во преговорите, но тоа е се. Немам интерес во тоа, ниту некаква корист“ – изјави Новак Ѓоковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА