Дамјан Ѓоковиќ, кој се уште е во исчекување на „спортски пасош“ од ФИФА за да може да настапува за Македонија, направи чекор напред во својата кариера потпишувајќи договор со Ријека. Хрватскиот првак денеска и дефинитивно ги договори сите детали со креативниот играч за врска, кој ќе му се приклучи на тимот на македонските репрезентативци Ристовски и Жута.
„Доаѓам во клуб што во последно време интензивно го следев бидејќи Ријека оствари историски резултат. Видов како се развива клубот, ова е одлична база за иднината и мило ми е што потпишав договор со Ријека“ – изјави Ѓоковиќ, кој дојде во редовите на хрватскиот првак од италијанскиот второлигаш Специја.
Ѓоковиќ во својата кариера има настапувано за холандските Ден Хаг, Екцелсиор, Спарта Ротердам, потоа во словачкиот прволигаш Спартак Трнава, а во Италија ги има брането боите на Болоња, Монца, Чезена и минатата сезона на Специја.
Овој фудбалер требаше да биде освежување за македонската фудбалска репрезентација, доби и пасош на нашата земја, но се уште нема зелено светло за деби за „црвено-жолтите“ од страна на ФИФА.
Инаку, Ријека денеска го продаде својот најдобар стрелец Франко Андријашевиќ, кој ќе ја продолжи својата кариера во белгискиот прволигаш Гент.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА