Новак Ѓоковиќ ќе се сретне вечерва со Роџер Федерер во финалето од Мастерс-турнирот во Синсинати, во битка за 1.000 АТП бодови, но во случајот на српскиот ас влогот е уште поголем – место во историјата на тенисот. Имено, Ѓоковиќ во текот на својата фантастична кариера барем по еднаш ги има освоено сите мастерс-турнири освен Синсинати, а денешното финале ќе биде шесто за него во обид да стигне до „Златен мастерс“ и да стане прв во историјата што стигнал до вакво достигнување.
Традицијата вели дека тој загубил три од претходните пет финалиња токму од Федерер, и тоа без освоен сет, но Ѓоковиќ ќе се обиде да се прикаже во подобро светло на вечерашниот меч за трофејот.
„Ќе биде тешко. Овде неколку пати имам загубено од Федерер, но ова ми е шесто финале, се надевам дека конечно ќе можам да забележам победа. Знам дека можам да испишам нови страници во тениската историја и тоа ми дава дополнителен мотив“ – истакна српскиот тенисер во пресрет на дешеното финале.
Рафаел Надал има вкупно 33 титули на Мастерс-турнирите, но 24 се освоени на земјена подлога, од кои 11 рекордни во Монте Карло. Тој никогаш досега нема триумфирано во Париз, каде играл само едно финале во 2007, како и Мајами, каде има пет финалиња, но ниту еден трофеј.
Што се однесува до Роџер Федерер, Швајцарецот има триумфирано на 27 мастерс-турнири, но се уште е без пехари од Рим и од Монте Карло, турнири на земјена подлога на кои воопшто не настапува во последните години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА