Првиот рекет на светот Новак Ѓоковиќ се пласираше во десетото по ред четвртфиналето на Ролан Гарос, откако со максимални 3-0 (6-3, 6-2 и 6-2) беше подобар од Германецот Жан-Ленард Штруф.
Штруф му парираше на Србинот само во првите шест гејма (3-3). Потоа следуваше серија на Ѓоковиќ од три гејма која беше доволна за освојување на првиот сет. Во следните два сета, најдобриот тенисер во светот правеше брејк уште на самиот старт, за сигурна победа од 3-0. Во четвртфиналето тој ќе се сретне со подобриот од мечот меѓу Германецот Александер Зверев и Италијанецот Фабио Фоњини.
Виза за четвртфиналето обезбеди и Јапонецот Кеи Нишикори кој во маратонскиот меч што започна вчера, со 3-2 (6-2, 6-7, 6-2, 6-7 и 7-5) го доби домашниот тенисер Беноа Пер.
Кај дамите Медисон Кис со 2-0 (6-2 и 6-4) беше подобра од Синијакова, додека Ешли Барти со 2-1 (6-3, 3-6 и 6-0) ја совлада младата Американка, Кенин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА