Новак Ѓоковиќ успеа да мине уште една пречка на турнирот во Астана, откако во својот четвртфинален дуел го совлада Русинот Хачанов со 2-0 во сетови. Српскиот тенисер прикажа уште една одлична партија, доминирајќи на теренот и не дозволувајќи му на противникот ниту за момент да се понадева на изненадување.
Дуелот почна супериорно од страна на Ѓоковиќ, кој за помалку од десет минути игра стигна до водство од 2-0 во гејмови. Хачанов само за момент се врати намалувајќи на 3-2, но српскиот тенисер трпеливо ја чекаше својата шанса и стигна до нов брејк, добивајќи го уводниот сет со 6-4. Новак потоа направи брејк и поведе со 4-1 во вториот сет, на крај славејќи со конечни 6-4, 6-3.
Негов ривал во полуфиналето ќе биде победникот од дуелот Баутиста Агут – Медведев. Во второто полуфинале во Астана силите ќе ги одмерат Рубљов и Циципас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

