Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ нападот на рекордната шеста титула во Индијан Велс ќе ја започне против еден од тенисерите кои преку квалификации ќе се најде во главниот жреб. Доколку ја мине првата пречка Србинот во третото коло ќе се сретне со контроверзниот Австралиец, Ник Кирјос кој во неделата се радуваше на трофејот во Акапулко. Во истиот дел од ждребот се наоѓаат и Германецот Александар Зверев, Австриецот Доминик Тим, Стефанос Циципас од Грција и Хрватот Борна Чориќ.
Далеку поинтересен е долниот дел од ждребот во кој се најдоа Рафаел Надал и Роџер Федерер. Шпанецот во второто коло ќе игра против Џеред Доналдсон од САД или против квалификант. Популарниот Федекс првиот меч по освојувањето на јубилејната 100. АТП титула во кариерата, ќе го има против подобриот од дуелот помеѓу Сепи и Гојовчик. Во истиот дел од жребот се наоѓаат и: Хрватот Марин Чилиќ, Јапонецот Кеј Нишикори, Кевин Андерсон од Јужна Африка и домашниот тенисер Џон Иснер.
Наградниот фонд на првиот Мастерс во сезоната изнесува 6.825.000 американски долари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА