Новак Ѓоковиќ имаше неочекувано многу проблеми за да го совлада Коболи и да се пласира во полуфиналето на Вимблдон, а српскиот тенисер во самиот финиш ги исплаши своите фанови, откако при првата меч-топка што ја имаше незгодно се лизна и десетина секунди лежеше на тревата.
Јасно беше дека не станува збор за обично лизгање кое најчесто минува без последици, а Ѓоковиќ по мечот обелодени дека во текот на четвртиот сет чувствувал затегнување на мускулот.
„Се се случи така брзо… Мускулот ме мачеше во четвртиот сет, апотоа на меч-топата и тој голем малер. Добро е што успеав да ги издржам следните два поена и да стигнам до победата, тоа е одлично за да не ја оптоварам дополнително ногата. Ова ми беше прв пат да се лизнам вака годинава, што е чудно бидејќи сум играч што знае така да се движи по тревата. Сепак, во ноќните часови таа станува полизгава и поголем е ризикот од вакви работи. Не знам што да кажам во моментов, не знам за каква повреда станува збор… да почекаме во следните 24-48 часа да видиме колку е сериозно и ќе го третираме проблемот како што треба“, истакна Ѓоковиќ.
Негов ривал во полуфиналето ќе биде првиот светски рекет Јаник Синер, против кого Ѓоковиќ има две победи на двата досегашни меча што ги имаат одиграно на Вимблдон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

