Ѓоковиќ за свирежите: „Ќе замолчам…“, Зверев во негова одбрана ја нападна публиката: „Не е во ред…“ (ВИДЕО)

Освојувачот на 10 титули во Мелбурн, Новак Ѓоковиќ по само еден одигран сет, поради повреда, го предаде полуфиналниот меч против Александар Зверев на Австралија Опен.

Сето тоа не им се допадна на некои навивачи на „Род Лејвер арената“ кои го исвиркуваа Србинот додека тој го напушташе теренот, но гестот на австралиската публика не остана незабележан од него.

„Што се однесува до начинот на испраќањето од теренот, не знам што да ви кажам. Луѓето дојдоа овде, платија билети и очекуваа борба, тенис, но не добија. Од таа перспектива, навистина ги разбирам. Се обидувам да ги разберам барем, но не знам дали тие мене ме разбираат или дали сакаат да ме разберат. Знам што имам во моето тело, што чувствувам, колку сум дал на овој турнир во последните 20 и повеќе години… Но, ајде ќе престанам тука, за да не продолжам во погрешна насока“ – прокоментира по мечот Ѓоковиќ.

А, веднаш по мечот и самиот Александар Зверев побара од публиката да не се однесува така. Зверев искажа огромен респект кон Ѓоковиќ, а побара и публиката така да се однесува кон некој кој дал премногу за овој турнир.

„Првата работа што сакам да ја кажам е, не е навистина во ред да го исвиркувате играчот кога ќе излезе повреден. Знам дека сите платија билет, но мора да знаете дека Новак даде се за овој спорт во последните 20 години. Новак даде многу и за овој турнир тука да биде тоа што е денес. Тој го освојуваше овој турнир со повреди, со скинати мускули, со бројни откажувања. Морате да покажете почит и љубов кон него, и кон секој некој кој дал толку многу за вас. Јас носам огромен респект кон Новак, тој е еден од најголемите мотиватори за мене во кариерата“ – рече Зверев, обраќајќи се на публиката.

Се вчитува...