Аталанта и Јувентус одиграа извонреден меч во Бергамо што заврши 1-1, исход од кои позадоволни сигурно ќе бидат гостите, кои во 92. минута преку Данило се извлекоа од пораз, единаесетти меч без неуспех во низа за тимот на Масимилијано Алегри. Малиновски го постигна можеби и најубавиот гол во Калчо-лигата сезонава, но и тоа беше недоволно за Аталанта да триумфира над „старата дама“.
Влаховиќ ја имаше првата шанса со опасен шут од дваесетина метри, а нешто подоцна се закани и Дибала, чиј обид беше непрецизен. Аталанта имаше две убави шанси во финишот од првото полувреме преку Бога, но новото засилување на тимот од Бергамо двапати беше изблокирано од Матијс де Лихт.
Второто полувреме донесе уште поотворен фудбал на двете страни, Мората се најде во добра ситуација, но премногу компликуваше, а повторно се закани и Влаховиќ, но безуспешно. Јуве делуваше за нијанса поконкретно и позаинтересирано за да се стигне до цел плен, но се падна во вода по извонредниот слободен удар на Малиновски, кој предизвика еуфорија меѓу домашните фанови на стадионот во Бергамо.
Хатебур промаши од неверојатна ситуација, од еден метар шутирајќи во гредата, а казната стигна во 92. минута, кога Данило скокна највисоко по корнерот на Дибала и погоди за конечните 1-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА