Гол од пенал, па црвен картон: Арсенал „преживеа“ во лондонскиот дуел со Палас

Арсенал во второто коло ја забележа и втората премиерлигашка победа, славејќи со 0-1 на гостувањето против Кристал Палас. Голот на Мартин Едегард од пенал во второто полувреме беше доволен за триумф на „топчиите“, кои во финишот стравуваа за трите бода откако останаа со играч помалку по исклучувањето на Томијасу.

Арсенал беше подобар ривал и во првото полувреме, но двете стопроцентни шанси што беа создадени за Нкетија останаа неискористени (првата заврши во дирекот, втората од пет метри над гредата од голот на Палас).

Нкетија беше во главна улога и при победничкиот гол, откако токму тој беше соборен во шеснаесетникот од страна на домашниот голман, по што Едегард стрелаше прецизно од белата точка.

„Топчиите“ ги одиграа последните дваесетина минути со фудбалер помалку по двата жолти картони што ги заработи Томијасу, но со дисциплинирана игра во одбраната ги затвори приодите кон голот на Ремсдел и заслужено стигна до цел плен на „Селхарст парк“.

Се вчитува...