Гол-шоу на Палевски во убедливата победа на Пролет

Ракометарите на Пролет прокнижија нови суперлигашки бодови откако вечерва рутински триумфираа на гостувањето во Струга со убедливи 29-38. Стружани се надеваа на продолжување на серијата добри игри на домашен терен, лани успеаја и да го совладаат овој ривал, но Пролет вечерва се претстави во одлично светло, доминирајќи од почеток до крај и заслужено стигна до цел плен на овој натпревар.  Во главна улога беше крилниот ракометар Давор Палевски, кој одигра феноменално постигнувајќи 15 погодоци во мрежата на Струга.

Од самиот почеток стана јасно кој е кој на овој дуел, откако гостите од Скопје по нецели десет минути поведоа со 1-6 преку Палевски. Стружани за момент се консолидираа, намалија на 5-8, потоа и на 8-10, но тоа беше се што домашниот тим успеа да стори. Финишот од првото полувреме мина во знакот на Пролет, избраниците на Матлиевски не примија гол во последните четири минути од полувремето, а преку Палевски и Стоилевски на спротивната страна стигнаа до убедливи 12-19. Победата практично беше осигурана, а гостинскиот состав искусно го исконтролира резултатот до самиот крај и конечните „плус девет“.

Палевски одигра меч за паметење со 15 постигнати погодоци од вкупно 16 удари кон противничкиот гол, Мишевски постигна седум, а Стоилевски беше стрелец на четири гола, додека неколку ракометари постигнаа по два погодоци. Прв стрелец на Струга беше Наум Костов со седум погодоци.

Се вчитува...