Ракометарите на Пролет направија уште еден значаен чекор кон плејофот откако вечерва славеа над екипата на Радовиш со убедливи 40-30. Избраниците на тренерот Матлиески ја оправдаа фаворитката улога, доминираа од самиот почеток и заслужено стигнаа до победата.
Раното водство од 5-1 на домашниот тим им стави до знаење на радовишани да не се надеваат на изненадување на оваа средба. Се што успеаја гостите да сторат беше приближувањето до 17-15 пред крајот на полувремето. Пролет додаде гас и на одмор замина со „плус четири“ (20-16), за скопскиот суперлигаш потоа во второто полувреме целосно да го скрши отпорот на гостинскиот состав и да забележи нов двоцифрен триумф.
Аларов одигра извонреден натпревар за Пролет со дури 14 постигнати погодоци, Ролевски постигна пет гола, а Манасков четири пати се запиша меѓу стрелците. Во таборот на Радовиш очекувано најдобар стрелец беше Илиев со девет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА