Манчестер сити и Монако го одиграа најинтересниот од првите осминафинални натпревари во Лигата на шампионите, а победата од 5-3 на „граѓаните“ е најава за нов фудбалски спектакл меѓу овие два тима, овојпат на стадионот „Луј втори“ во Монако. Англискиот гигант лани стигна до полуфиналето од ЛШ, успех што ќе се обиде да го повтори, па дури и да отиде чекор понапред под водство на Пеп Гвардиола. Сепак, Монако се покажа како силен и незгоден тим, па „граѓаните“ ќе мораат да бидат многу внимателни за да ги одбранат оние „плус два“ од Манчестер од пред 22 дена.
„Да бидам искрен, мораме да дадеме гол бидејќи Монако е тим способен да постигне два погодоци за кратко време. Тоа им го кажав и на моите фудбалери, или ќе постигнеме најмалку еден гол, или ќе бидеме елиминирани. Ако играме како во првото полувреме во Манчестер можеме да стигнеме и до трофејот во ЛШ, но не смееме да дозволиме толкави осцилации“ – изјави Пеп Гвардиола.
Гвардиола како тренер во претходните седум сезони редовно ја минувал осминафиналната фаза во елитното европско натпреварување, но каталонскиот стратег мора да најде лек за слабата игра на гостувањата во ЛШ сезонава, каде Сити има скор од две реми и еден пораз.
На спротивната страна, Монако со извонреден фудбал неочекувано се наоѓа пред ПСЖ во трката за титулата во Франција, а „кнезовите“ сигурно нема предвреме да објават капитулација ниту во Лигата на шампионите. Во прилог им оди и традицијата која вели дека од петте нокаут пресметки со тимови од Англија дури четири пати тимот од „малото кнежевство“ се пласирал во следната рунда.
„Мислам дека двата тима ќе напаѓаат, ние ќе сториме се за да дадеме гол што поскоро бидејќи бркаме негатива од два гола. Манчестер сити има извонредни поединци, секој е способен да постигне погодок, затоа верувам дека нам ќе ни требаат најмалку три гола за да се пласираме во четвртфиналето“ – изјави тренерот Леонардо Жардим, кој за вечерашниот дуел не може да смета на најдобриот дефанзивец Глик, кој е суспендиран.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА