Голден стејт одигра уште еден импресивен натпревар, на гостински терен декласирајќи го незгодниот тим на Мајами со 95-123. „Воините“ одиграа шампионски, отпорот на домашниот тим кршејќи го во третата четвртина што ја добија со 37-17, за потоа рутински да ги одиграат преостанатите дванаесет минути од натпреварот. Стеф Кари беше извонреден постигнувајќи 30 поени за 30 минути игра, додека Кевин Дурант учествуваше со 24 поени во најновата победа на својот тим.
Дербито на денот се одигра во Оклахома сити, каде домашниот тим по голема битка го совлада Сан Антонио со 90-87. Гостите настапија без Паркер и Олдриџ, а Оклахома знаеше како да го искористи тоа за да стигне до победата. Расел Вестбрук стигна до својот седми трипл-дабл сезонава постигнувајќи 22 поени, 10 скока и 10 асистенции, додека Стивен Адамс постигна 19 поени за победничкиот тим.
Хјустон лесно и убедливо славеше на гостувањето против ЛА лејкерс со 95-118, седми триумф во низа за „ракетите“, во чии редови повторно блескаше Џејмс Харден со 36 поени.
Резултати НБА:
Њујорк – Орландо 100-105, Мајами – Голден стејт 95-123, Минесота – ЛА клиперс 112-106, Оклахома сити – Сан Антонио 90-87, ЛА лејкерс – Хјустон 95-118.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА