Кевин Дурант би можел повторно да заигра кошарка сезонава, но се ќе зависи од новите лекарски прегледи кои се закажани за еден месец. Раководството на Голден стејт попладнево конечно се јави со официјално соопштение околу повредата на својот ослтар кошаркар, кој настрада за време на дуелот со Вашингтон, посочувајќи дека не станува збор за кинење, туку само истегнување на лигаментите во коленото.
„Кевин Дурант ќе биде надвор од тимот на неодредено време. Тој ги истегна лигаментите на коленото, а повторната проценка на неговата здравствена состојба е закажана за четири седмици. Како и да е, постојат реални шанси тој да заигра за тимот оваа сезона, можеби веќе во регуларниот дел од шампионатот“ – соопштија челниците на актуелниот вицешампион во НБА-лигата.
Во меѓувреме, „воините“ доведоа замена за повредениот кошаркар, потпишувајќи договор со ветеранот Мет Барнс, кој пред неколку дена го раскина договорот со Сакраменто кингс. Барнс не го криеше задоволството што повторно му се приклучува на тимот чиј дрес го носеше од 2006 до 2008 година.
„За мене е исполнување на сонот што се враќам назад во Голден стејт. Чувствувам дека бев дел од почетоците на оваа приказна, сега се враќам за да помогнам да ја завршиме со нова титула“ – истакна Барнс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА