Голден Стејт заигра шампионски, па го растури Милвоки

Само неколку дена откако беа поразени од Бостон со 52 поени разлика, кошаркарите на Голден Стејт синоќа го одиграа својот најдобар меч оваа сезона, декласирајќи го составот на Милвоки со преубедливи 35 поени разлика (125-90). „Воините“ заиграа како што му доликува на повеќекратниот НБА-шампион, доминираа од почеток до крај и заслужено стигнаа до убедлив триумф. Стеф Кари беше најефикасен со 29 поени, додека Куминга придонесе со 20 поени во овој триумф на Голден Стејт, а Томпсон остана на скромни десет поени зад своето име. Во таборот на Милвоки најефикасен беше Адетокумбо со 23 поени.

ЛА лејкерс падна на десеттото место во Западната конференција по поразот на домашен терен од Сакраменто од 120-130. Клучна беше втората четвртина што гостите ја добија со преубедливи 20-44, по што знаеја како да ја задржат предноста до самиот крај на мечот. Фолс беше незапирлив во тимот на Сакраменто постигнувајќи 44 поени, додека прв стрелец на „езерџиите“ во овој пораз беше Леброн Џејмс,со дабл-дабл од 31 поен и 13 асистенции.

Алперен Шенгун одигра уште еден одличен меч за Хјустон, овојпат на домашен терен со ЛА Клиперс. Турскиот кошаркар имаше трипл-дабл од 23 поени, 19 скокови и 14 асистенции, но и тоа беше недоволно за неговиот тим да избегне пораз.

Резултати НБА:

Вашингтон – Орландо 109-119, Атланта – Кливленд 112-101, Хјустон – ЛА клиперс 116-122, Филаделфија – Мемфис 109-115, Јута – Чикаго 117-119, Голден Стејт – Милвоки 125-90, Портланд – Оклахома Сити 120-128, ЛА Лејкерс – Сакраменто 120-130.

Се вчитува...