Еурофарм Пелистер 2 се наоѓа на чекор до пласман во плејофот во ракометниот шампионат откако битолчани вечерва ремизираа 23-23 против Бутел. Воедно, на нив во прилог им оди и денешниот пораз на Прилеп од Тиквеш, по што Еурофарм има шест бода предност, а прилепчани имаат два меча до крајот на сезонава („фармацевтите“ само еден).
Охрабрени по големата победа над Металург пред неколку дена, ракометарите на тренерот Јовиќ повторно одиграа одлично во одбраната против цврстиот тим на Бутел. Кузманоски, кој го постигна израмувачкиот погодок за 23-23, беше најефикасен кај битолчани со пет гола, додека кај Бутел улогата на прв стрелец му припадна на Мирко Мајиќ со седум погодоци.
Прилеп изврши „самоубиство“ во трката за третото место од оваа група откако избраниците на тренерот Кузманоски беа непријатно изненадени на домашен терен од Тиквеш, губејќи со 30-36. Кавадарчани одиграа извонреден офанзивен натпревар, одбраната на Прилеп немаше одговор за нивните налети, па Тиквеш на крајот заслужено се радуваше на победата.
Коцев со седум и Лазов со шест гола беа најефикасни во победничкиот тим, додека прв стрелец на Прилеп при вечерашниот пораз беше Чантурија со осум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА