Милан се подготвува за возбудлив јануарски преоден рок, а се чини дека една од најголемите дефанзивни легенди на модерниот фудбал би можела да пристигне на „Сан Сиро“.
Според извештаите од Италија, „росонерите“ сериозно размислуваат за враќање на Тијаго Силва, кој моментално го носи дресот на Флуминенсе. Силва веќе остави неизбришлива трага во Милан, каде што играше од 2009 до 2012 година. Потоа го доби статусот на еден од најдобрите стопери во светот, а навивачите сè уште го паметат со голема почит.
Милан се соочи со голем број проблеми во одбраната оваа сезона, вклучувајќи повреди и пад на формата на одредени играчи. Токму затоа клубот бара брзи и сигурни решенија во јануари за стабилизирање на дефанзивата.
Доведувањето на Силва не би било само спортска одлука, туку и симболичен потег што би го подигнал моралот во тимот.
И покрај годините, Силва е познат по својата одлична физичка подготвеност и професионализам, што го прави играч кој може да ги задоволи барањата на европскиот фудбал.
Сепак, Милан разгледува и други играчи. Едно од имињата е играчот на Удинезе, Томас Кристенсен кој го привлече вниманието кон себе со одличните настапи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

