Голем малер: Магдебург остана без најдобриот играч на две седмици пред Ф4

Екипата на Магдебург цела сезона се мачи со бројни проблеми со повредени ракометари, но врвот беше достигнат викендов, откако германскиот клуб повторно остана без услугите на Гисли Кристијансон.

Извонредниот исландски интернационалец настрада во првото полувреме од дуелот со Лемго, жалејќи се на силна болка во пределот на рамото. Тој го напушти теренот и воопшто не се враќаше во игра, а првичните информации говорат дека станува збор за проблем со лигаментите, што би значело повеќемесечна пауза.

Ова значи дека Магдебург ќе мора да се снаоѓа без помошта на својот најдобар ракометар на претстојниот фајналфор турнир во Келн, што ќе се одржи за две седмици во „Ланксес Арена“. Таму германскиот тим за противник во полуфиналето ќе го има каталонскиот гигант Барселона, додека во втората полуфинална пресметка ќе се сретнат Берлин и Нант.

Се вчитува...