Тотенхем ќе биде значително засилен за вториот дел од сезоната откако Џејмс Медисон ги надмина проблемите со повредата и веќе неколку дена тренира со остатокот од екипата.
Медисон се покажа како одлично засилување по трансферот од Лестер, извонредно ја стартуваше сезоната, но следеше повреда на скочниот зглоб на лондонското дерби со Челси што се одигра на 6 ноември. Во прв момент се чинеше дека проблемот не е премногу сериозен, но како што одминуваше времето стануваше се поочигледно дека Медисон нема наскоро да се врати на терените.
На крајот, паузата изнесуваше нецели три месеци, Тотенхем во овој период падна од врвот на табелата и моментно е петтопласиран во Премиер-лигата, па затоа е многу важно што Медисон конечно му се стави на располагање на тренерот Постекоглу.
Овој стратег ќе треба да реши дали да ризикува со Медисон на претстојниот меч од ФА Купот против Манчестер Сити, или да го чува овој клучен првотимец за продолжението на премиерлигашката сезона и мечот со Брентфорд закажан за 31 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА