Реноминираната шпанска Марка, како и еден од најдобро информираните новинари во Европа Фабрицио Романо, објавија дека Лука Модриќ сепак ќе биде подготвен за финалето во „Копа дел реј“ на неговиот Реал Мадрид против Осасуна.
Модриќ го пропушти натпреварот на Реал Мадрид во Сан Себастијан, каде Реал Сосиедад победи со 2-0 во вторникот во натпреварот од 33. коло на Примера.
„Се чувствуваше добро кога се разбуди утрово и тренираше нормално со остатокот од тимот. Тоа го доближува до финалето. Факт е дека неговата состојба е подобрена во последните 24 часа. Точно е дека Модриќ само малку тренираше во последните 12 дена и дека веднаш по финалето го чека мечот со Манчестер Сити во Лигата на шампионите. Секој ризик би можел скапо да се плати“, пишува Марка.
Истата информација ја потврди и Романо.
„Лукита се врати! Лука Модриќ денеска одработи комплетен тренинг со соиграчите. И тој е подготвен за финалето на Купот на кралот и полуфиналето на Лигата на шампионите“, напиша Фабрицио Романо.
Реал во сабота од 22 часот ќе го игра финалето на „Купот на кралот“ против Осасуна, додека во вторник го очекува првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Манчестер Сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

