МЗТ Скопје со самиот пласман во финалето на АБА2 лигата обезбеди учество во елитното друштво за наредната сезона, за тоа истата вечер по полуфиналниот триумф над Широки доби и официјална честитка од АБА-лигата преку социјалните мрежи. Финалниот пораз од Златибор не требаше да промени ништо, но македонскиот првак сега се соочува со сериозна опасност да остане со празни раце откако српските клубови тргнаа во офанзива со лобирање за промена на правилата, за Златибор како првак на АБА2 да влезе во елитното друштво.
За потсетување, актуелните правила велат дека ниту една земја од регионот не може да има повеќе од пет екипи во АБА1 лигата. Поради ова, Златибор како првак на АБА2 ќе мора да игра бараж со Борац Чачак како најслабо рангиран тим од српските во АБА1, за тоа која од овие две екипи да биде дел од елитното друштво за сезоната 2022/23.
Србите веднаш почнаа со лобирање преку медиумите, но ситуацијата денеска стана уште посериозна, откако Црвена Звезда преку клупско соопштение побара ревидирање на правилникот, за „исправање на неправдата и играње на бараж меѓу двата клуба од Србија“. Според Црвена Звезда, правилото за пет тима од иста земја важело само за сезоната 2021/22 и секако ќе биде променето од наредната сеззона.
„Како клуб кој е ко-сопственик на оваа лига заедно со останатите клубови учесници, сметаме дека оваа ситуација е неприфатлива. Сакаме да добиеме конкретен одговор на ова прашање до 30 април, кога сосема непотребно и неоправдано два српски клуба треба да го одиграат првиот меч од разигрувањето за пласман во АБА1. Јавно го поставуваме прашањето, зошто два српски клуба, од кои едниот (Борац) кој не е претпоследен во АБА1, и другиот (Златибор), кој е првак на АБА2, мора да разигруваат кога пропозициите за натпреварување за наредната сезона се уште не се донесени. На сите состаноци и собранија на АБА1 за време на сезонава е заклучено дека постои потреба за менување на колективниот договор. Во работната верзија за наредната сезона се два предлози за „национален клуч“, или да нема никакви ограничувања, или од максималниот број на клубови од 14 екипи, шест да можат да бидат од иста држава. Таа промена е неминовна и ќе се случи во текот на летото“, се вели во соопштението на Црвена Звезда.
На потег се челниците на АБА, кои ќе треба час поскоро да одговорат на прашањата поставени од актуелниот шампион. МЗТ Скопје веќе го прослави влегувањето во елитата, но како што стојат работите, притисокот од српските клубови и јавноста може да донесе и промена на ситуацијата, нешто што никој во мак-баскетот не го посакува.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА