Голем проблем за Вардар: Јасихура се повреди на Азиските игри

Вардар се соочува со огромен проблем на дваесетина дена пред стартот на ракометниот плејоф откако најдобриот ракометар на „црвено-црните“ во првиот дел од сезоната, Косуке Јасихура, заработил незгодна повреда при настапот за јапонската репрезентација на Азиските игри што се одржуваат во ист период како и европскиот шампионат во ГЕрманија.

ЕКИПА дознава дека Јасихура се повредил за време на претходниот натпревар против Иран, на кој бекот на Вардар го постигнал првиот погодок на мечот, но потоа се здобил со незгодна повреда по дуел со еден противнички ракометар. Во прилог на овие информации оди и фактот дека Јасихура воопшто не беше во составот на денешниот меч со Обединетите Арапски Емирати што Јапонија по голема битка го доби со 29-26 (на полувреме селекцијата на ОАЕ предводена од Данило Брестовац имаше предност од 13-16).

Првите информации се дека станува збор за проблем со колкот, а деталните лекарски прегледи ќе треба да утврдат колку е сериозна повредата и кога Јасихура ќе можеме повторно да го видиме на терените ширум Македонија.

Се стравува дека повредата не е нималку наивна, што би значело дека Вардар нема да може да смета на својот најдобар играч на отворањето на плејофот, дерби дуелот со Еурофарм Пелистер од првото коло што ќе биде закажано за викендот на 10/11 февруари.

Се вчитува...