Франција ќе биде сериозно ослабена за претстојното Европско првенство за ракометарки, по повредата што ја заработи првиот голман на „триколорите“, Лаура Глаузер. Таа требаше да биде предводничка на националниот тим по повлекувањето на Лејно, но повредата на коленото ја спречи Глазуер да биде дел од овој европски шампионат.
Француската Ракометна Федерација попладнево објави дека деталните лекарски прегледи покажале дека повредата на коленото не е нималку наивна, ќе следи целосно мирување во наредните три седмици, со што исчезнаа сите шанси за Глаузер да биде дел од францускиот национален тим. Селекторот Оливие Крумбхолц веднаш повика замена, и тоа Камил Синсет од Мец. Покрај неа, за чување на мрежата на Франција на ЕП 2022 ќе бидат задолжени уште и Клеопатра Дарло и Флоријан Андре.
Франција е дел од групата што ќе се игра во Скопје заедно со селекциите на Македонија, Романија и Холандија. Најдобрите три селекции од оваа група потоа ќе вкрстат со трите најдобри репрезентации од Подгорица (Црна Гора, Германија, Полска и Шпанија), во новоформирана група што исто така ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

