Арсенал наскоро ќе остане без една од клучните фигури во раководството откако Бразилецот Еду Гашпар им соопштил на клупските челници дека си заминува од „Емирати“. Бразилецот кој своевремено и како играч настапуваше за „топчиите“ пет години е дел од клупската управа, најпрвин како технички директор, а од пред две години и како спортски директор, прв со ваква функција во историјата на Арсенал.
Еду важеше за човек кој „го чува грбот“ на тренерот Микел Артета и кој секогаш му даваше поддршка на шпанскиот стратег, меѓу другото и за исполнување на желбите на пазарот. Бразилецот според британските медиум беше и најзаслужен за комплетираните трансфери на Мартин Едегард и на Деклан Рајс, а Еду останал разочаран кога управата на Арсенал решила да не го унапреди во директор за фудбал, нешто што тој смета дека го заслужил со сработеното во изминатиот период.
За ударот врз „топчиите“ да биде уште поголем, тој ќе остане во Премиер-лигата, и тоа како директор на фудбал на Нотингем Форест. Грчкиот газда на Форест, Евангелос Маринакис, му понудил на Еду три пати поголема плата од онаа што ја зема во Арсенал, моќ за носење на клучните одлуки во Нотингем, но и советничка улога во останатите клубови во сопственост на Маринакис (во преден план Олимпијакос).
Како што информираат англиските медиуми, челниците на Арсенал биле шокирани од ваквиот развој на настаните, исто како и Артета, но Еду јасно ставил до знаење дека нема намера да се премисли и само прашање на време е кога и официјално ќе се пресели во Нотингем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА