Голем удар за Јуве – Де Лихт е трет случај на коронавирус

Андреа Пирло се соочува со нов огромен проблем откако поради коронавирус остана и без трет стандарден дефанзивец од одбранбената линија. По левиот бек Алекс Сандро и десниот бек Хуан Квадрадо, Јувентус денеска објави дека позитивен на Covid-19 при последното тестирање бил и централниот дефанзивец Матијс де Лихт.

Младиот Холанѓанец го пропушти стартот на сезоната поради повреда, но веднаш по камбекот ја презеде улогата на лидер на одбраната на „старата дама“. Тој функционираше одлично во тандем со Бонучи, но Пирло сега ќе биде принуден на нов експеримент, особено ако се знае дека од стартот на сезонава со серија на повреди се мачи и капитенот Кјелини.

Де Лихт настапи на последното дерби со Милан, тестот направен врз него во средата беше негативен, но 48 часа подоцна беше обелоденето дека холандскиот репрезентативец е позитивен на коронавирус. Тој веднаш заминал во самоизолација и ќе го пропушти големото дерби со Интер закажано за 17 јануари, како и пресметките со Сасуоло и со Џенова (во Купот на Италија).

Се вчитува...