Кошаркарите на ТФТ со одличен настап во синоќешниот трет меч успеаја да стигнат до триумф над МЗТ Скопје, намалувајќи ја негативата во финалната серија на 1-2.
Четвртиот меч од ова финале се игра повторно во СРЦ „Кале“ в понеделник, но тренерот Смилковски се соочува со огромен проблем по повредата на клучниот играч во тимот. Американецот Зек Браун заработи тешка повреда во четвртата четвртина од синоќешниот меч, oткако остана да лежи по една реализација во рекетот на „металците“.
Веднаш стана јасно дека проблемот е сериозен, тој на рацете на соиграчите беше изнесен на теренот, а проблемот со коленото се чини не е нималку наивен.
„Во текот на денешниот ден ќе биде извршен магнет за да видиме за што точно станува збор, но да бидеме искрени – работата не изгледа нималку добра“, коментираат од таборот на ТФТ.
Речиси сигурно е дека Американецот нема да може да настапи за тимот од Тафталиџе до крајот на оваа сезона, а јасно е дека неговото неиграње ќе значи и значително намалување на шансите на ТФТ за целосен камбек во оваа финална серија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

