ГОЛЕМА БОРБА – ГОЛЕМО ДЕРБИ: Вардар ја доби драмата со Алкалоид на стартот од плеј-офот!

Ракометарите на Вардар со триумф во големата дерби-пресметка против Алкалоид во Автокоманда го стартуваа плеј-оф разигрувањето во Суперлигата на Македонија. „Вардарци“ пред само една недела победија за крај на регуларниот дел против Алкалоид, а сега го отворија на ист начин и разигрувањето за титула и за Европа во ист стил.

„Црвено-црните“ триумфираа против големиот ривал, по голема борба и максимално неизвесен меч, со 32-33 (17-19). Низ максимално неизвесни последни секунди, на крај гостите се радуваа на победата.

Триумфот на „црвено-црните“, се чини, беше одлучен благодарение на блесоците на гостите во одредени сегменти во играта, иако домашните постојано се враќаа во игра, не дозволувајќи сериозно резултатско издвојување.

 

Откако гостите го добија првото полувреме со 17-19, во вториот дел одлично влегоа доаѓајќи до предност од 19-23. Борзаш и Костески го вратија Алкалоид во игра, а во 45. минута, домашните дојдоа и до 24-25.

Низ игра гол за гол, и голема борба, „вардарци“ се одлепија на 26-29, потоа контролирајќи го резултатот и со предност од 30-33. Алкалоид во финишот успеа да постигне два гола за 32-33, но не и да се спаси од пораз.

Вукашин Воркапиќ со десет гола беше најдобар во победничкиот тим, а Дмитро Хориха и Франциско Да Силва постигнаа по шест гола. Голманот Милош Валах имаше девет одбрани.

Кај Алкалоид, Никола Костески имаше седум гола од исто толку обиди, а Марко Митев, Марко Стојковиќ и Урош Борзаш го завршија мечот со по пет постигнати погодоци.

Се вчитува...