Работнички е последниот полуфиналист во плејофот откако „црвено-белите“ по огромна битка вечерва славеа во мајсторката против Пелистер со 82-79. Битолчани се вратија од „минус 16“, се играше неизвесно буквално до последната секунда, кога младиот Андреј Шошкиќ со тројка со звукот на сирената го одведе Работнички во полуфинале против екипата на ТФТ.
Како пресудна се покажа првата четвртина што мина во целосна доминација на скопскиот клуб. Во одбраната Работнички успеа да го неутрализира Мишковиќ, а „центарци“ делуваа уште поимпресивно во нападот, промашувајќи само два шута во првите 10 минути од мечот (4/6 за тројка, 8/8 за два поени) и стигнувајќи до предност од убедливи 33-17. Пелистер на почетокот од втората четвртина успеа да намали на десет поени, но „центарци“ имаа свој адут во репрезентативецот Стојан Ѓуроски, кој со серија поени ја врати позитивата на својот тим над 15 поени, по што на одмор се замина со предност на Работнички од 50-36.
Третата четвртина донесе многу возбудувања, откако Пелистер одлично отвори и набрзина дојде до само шест поени негатива (64-58). Самарџиев побара тајмаут, по што Шошкиќ даде пет поени во низа и ја зголеми предноста на Работнички. „Центарци“ имаа и плус 10 (61-51), кога Костоски погоди тројка од табла, а притоа беше направен и прекршок од Рош над Галовеј во рекетот, но центарот на Пелистер ги промаши двете слободни фрлања. Сепак, шоуто на Костоски продолжи со нова тројка со која ветеранот намали на само два поени разлика (61-59). а по поените на Стајиќ третата четвртина заврши со минимално водство на „центарци“ од 63-61.
Четвртата четвртина донесе возбудлива кошарка, Пелистер го сврте и резултатот во своја полза поведувајќи со 71-73 со поените на Антоан, но Шошкиќ одговори со тројка од девет метри и враќање на Работнички во водство од 75-74 на помалку од три минути до крајот. Супернеизвесно беше до самиот крај, кога Стајиќ одигра одлично во одбрана, изнудувајќи петти прекршок од Ѓуроски, по што следеше и техничка грешка од домашниот состав. Костоски го погоди слободното фрлање за водство од 76-77, по што Пелистер имаше и напад на 32 секунди до крајот. Костоски ја загуби топката, а Шошкиќ повторно блесна во завршницата, со поени под прекршок и дополнително слободно фрлање. Младиот плејмејкер го погоди и слободно фрлање за 79-77, по што „пелистерци“ го имаа последниот напад на натпреварот. Антоан презеде одговорност и погоди скок шут за 79-79, по што Самарџиев го зеде последниот тајмаут на четири секунди до крајот.
Топката ја зеде најмладиот, Андреј Шошкиќ, кој погоди тројка со звукот на сирената и му ја донесе големата победа на Работнички.
Шошкиќ беше прв стрелец на победничккиот тим со 24 поени, херојот Шошкиќ имаше 23 поени и 8 асистенции, додека кај Пелистер најефикасни беа Костоски со 21 и Антоан и Мишковиќ со по 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

