Кадетската репрезентација на Македонија за кошаркари до 18 години оствари огромна победа на ЕП – Б дивизија што се одржува во Романија, откако попладнево триумфираше над Украина со резултат 73-71. Нашите млади кошаркари за ривал го имаа еден од фаворитите за трофејот на ова натпреварување, но изненадија со одлично издание и на крајот заслужено се радуваа за победата.
Оваа генерација е засилена со дел од играчите кои лани со У16 селекцијата обезбедија влез во А-дивизијата, а токму таа позитивна атмосфера беше очигледна и во У18-репрезентацијата на денешниот дуел. „Црвено-жолтите“ водеа речиси од самиот почеток, потоа во четвртиот период само за момент го загубија водството, но во ниту еден момент не останаа без самодоверба. Јакимовски беше одличен, а кога беше најважно од далечина погоди центарот Зекири, враќајќи ја Македонија во водство.
На една и пол минута до крајот Македонија водеше со 72-64, Украинците дојдоа на само еден поен разлика (72-71), но за среќа успеавме да ја задржиме предноста до самиот крај, за огромна победа која широко ги отвора вратите за следната рунда.
Андреј Јакимовски со 21 поен и 11 скокови беше прв играч на денешниот меч, Лејсон Зекири учествуваше со 12 поени во победата, а Миловановиќ реализираше осум поени, но имаше и 11 скокови во борбата под обрачите.
Македонија во третото коло утре ќе се сретне со селекцијата на Грузија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА