Македонскиот шампион Шкендија со предност од 1-0 ќе патува во Букурешт против романскиот шампион ФЦСБ во 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите. Голема победа за „црвено-црните“ иако може да жалат и што во финишот не искористија одлични можности и за поубедлива победа.
Во првото полувреме се играше главно израмнето, без премногу возбудувања на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Гостите од Романија имаа неколку убави можности, но Гаје одлично интервенираше не дозволувајќи предност на ФЦСБ во раната фаза од натпреварот.
Тамба, на спротивната страна, имаше обид во 33. минута за водство на Шкендија, но одбрани гостинскиот голман, на крај и за први 45 минути без голови на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
А, потоа одлично второ полувреме за Шкендија. Македонскиот шампион извонредно ги искористи своите шанси во вториот дел, доаѓајќи до водство со голот на Алхасан во 65. минута од средбата.
Веднаш по погодокот, тетовци останаа и со фудбалер помалку по исклучувањето на Ќака во 70. минута, но веќе во 79. минута и Танасе заработи директен црвен картон во романскиот тим.

На крајот, во судиското продолжение, по еден брз контранапад на Вебстер, македонскиот тим имаше 100% шанса и за победа од 2-0, но гостите во два наврати успеаја да се спасат спасувајќи се од поубедлив пораз.
Доколку Шкендија ја мине ФЦСБ тогаш во 3. квалификациско коло од Лигата на шампионите ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу Карабах и Шелбурн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

