МЗТ Скопје не успеа да ја прекине серијата слаби резултати во АБА-лигата, откако загуби на гостувањето против Цибона со резултат 85-87. Ваквиот исход е неправеден за македонскиот првак, кој беше многу блиску до победата, имаше „плус три“ и промашено слободно фрлање на Кефи, по што Цибона со тројка на Капуста го одведемечот во продолжение, каде по голема битка хрватскиот гигант успеа да стигне и до триумф. Драган Николиќ беше многу блиску до победничко деби на клупата на „металците“, но среќата им го сврте грбот на аеродромци кога беше најважно, па по првиот круг од лигашкиот дел остануваат заковани на дното на табелата во АБА1.
МЗТ Скопје од самиот почеток прикажа солидна игра, не излегувајќи од ритам ниту по раните две лични грешки на Кефи. Дастин Вер се покажа во добро светло на плејмејкерската позиција, во ритам влезе и Бојан Крстевски, па дуелот беше израмнет во голем дел од првото полувреме, во кое тимовите најизменично се менуваа во водство. Првата четвртина заврши со водство на Цибона од 22-19, по тројката со која Крстевски ја намали негативата на македонскиот првак, а МЗТ заигра уште подобро во вторите 10 минути од мечот. Нападот функционираше беспрекорно, а по тајмаутот на Николиќ при 37-34 „металците“ одлично го завршија полувремето и на одмор заминаа со водство од 41-45.
Тоа беше најава за одличен старт на третата четвртина, па аеродромци во 23. минута поведоа со девет поени предност (46-55). При овој резултат „металците“ не искористија три напади за да стигнат до двоцифрено водство, a Цибона намали на 53-58. Војдан Стојановски блесна кога беше најважно, со украдена топка и лесно положување во периодот кога МЗТ се мачеше во нападот, веднаш потоа Кефи имаше офанзивен скок, па потоа и тројка, по што МЗТ влезе во последните десет минути со водство од 56-63.
Солидната предност беше одржувана благодарение на одличната одбрана, но во нападот непотребно се инсистираше само на шутеви од далечина, кои не беа доволно прецизни. Цибона дојде на „минус четири“, но Дастин Вер погоди под прекршок кога беше многу важно, враќајќи ја предноста на плус седум (62-69). Тренерот на МЗТ Скопје побара тајмаут при 68-72, но проблемите се зголемија кога Смајлагиќ погоди тројка за 72-74, на помалку од две минути до крајот, за нов тајмаут на Николиќ. Вер два пати тргна на положување и не беше успешен, но одбраната одолеа кога беше најважно и во последните 40 секунди се влезе со водство на МЗТ од 72-74 и напад на македонскиот првак. Кефи изнуди прекршок од Аранитовиќ, но погоди само едно од двете слободни фрлања, за водство од 72-75 на 27 секунди до крајот.
За големо разочарување на македонскиот првак, Капуста ја презеде одговорноста и погоди тројка од девет метри, израмнувајќи на 75-75 на 18 секунди до крајот, за последен тајмаут на Николиќ. Советите не вродија со плод, Цибона направи паметен прекршок врз Кефи на 2,5 секунди до крајот (домаќините не беа излезени од бонус), по што Вер беше принуден да шутира со звукот на сирената, промаши и мечот отиде во продолженија.
Мајк Кефи погоди важна тројка во продолжението, за водство од 77-80, но Цибона предводена од Капуста за момент го презеде водството (82-81). МЗТ поведе со 82-83, но следеа две асистенции на Капуста за пет поени во низа на домаќините и предност на Цибона од 87-83. При резултат 87-85 македонскиот првак имаше напад за израмнување, но среќата им го сврте грбот на „металците“, топката се сврте околу обрачот и излезе од него по положувањето на Вер. МЗТ најпрвин задоцни со прекршокот, а потоа по двете промашени слободни фрлања избраниците на тренерот Николиќ дозволија офанзивен скок, губејќи го овој супердраматичен меч со резултат 87-85.
Кефи беше најефикасен со вкупно 19 поени, но неговото промашено слободно фрлање се покажа клучно за конечниот пораз, 17 поени постигна Миќовиќ, а 14 Бојан Крстевски.
МЗТ Скопје го заврши првиот круг од натпреварувањето во АБА1 лигата како последен на табелата, со скор од две победи и 11 порази. Во следното коло, македонскиот шампион на домашен терен ќе го пречека гигантот Црвена Звезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА