Голема трагедија ја потресе Србија: На 41 година почина легенда на Црвена Звезда

Поранешниот фудбалер на Црвена Звезда и член на репрезентацијата на Србија Дејан Миловановиќ, почина на 41-годишна возраст.

На Миловановиќ му се слошило денеска попладне, на меч помеѓу ветераните на Звездара и ПКБ. Екипата на брзата помош пристигнала брзо и го реанимирала на лице место, по што бил пренесен во Клиничката болница Звездара, меѓутоа потоа се случил уште еден срцев удар, кој бил фатален.

Миловановиќ постигнал гол на натпреварот, а потоа кога требало да изведе корнер, ја изгубил свеста и паднал на тревата.

Тажната вест беше потврдена од Лигата на ветераните.

Почитувани претставници на клубот, пред неколку минути, за време на натпревар за ветерани, почина Дејан Миловановиќ, играч на ФК Звездара. Поради оваа причина, следното коло, кое требаше да се игра на 18 септември, ќе биде одложено.“, стои во соопштението. 

Миловановиќ е поранешен фудбалер на Црвена Звезда, каде ги мина сите млади категории, дел од нив и како капитен, а потоа беше промовиран и во првиот тим во 2001 година. Играше заедно со Бошко Јанковиќ, Милан Јовановиќ, Душан Баста, Марко Перовиќ. Освои четири титули со тимот, пред да се пресели во Ленс. Во 2007 година тренер му беше и Бошко Ѓуровски.

Во 2010 година се врати во Црвена Звезда, и така собра вкупно 230 настапи и 48 голови за „црвено-белите“. Играше и во Паниониос, а кариерата ја заврши во Вождовац во 2014 година. Одигра и два меча за репрезентацијата на Србија, а беше дел и од младинската селекција на својата земја, за која одигра 23 натпревари.

Тој е братучед со прославениот српски фудбалер Бранислав Ивановиќ, кој во минатото играше во Челси.

Се вчитува...