Формула 1 шампионатот се враќа во етерот оваа седмица со Големата награда на Лас Вегас која ќе донесе и новитет во најбрзиот шампионат на светот.
Тоа ќе биде прва битка за Неведа после 40 години, но за разлика од 1982 година, овој пат ќе се вози на нова стаза по улиците на градот. Исто така ова ќе биде прва трка по Големата награда на Јужна Африка во 1985 година која ќе се вози во сабота, а за неа возачите ќе имаат несекојдневни услови.
Имено, оваа Голема награда ќе се вози по најниската температура досега со оглед на тоа што се очекувањата се дека на почетокот на трката температурата ќе изнесува 12 степени целзиусови. Со оглед на овој податок и на тоа што стазата се состои од долги правци, возачите ќе имаат поголеми потешкотии за загревање на гумите, нешто за што говореше и директорот на Пирели, Марио Исола.
„Одлучивме дека ќе понудиме три најмеки компоненти со цел триењето да биде најдобро што може. Влегуваме во непозната територија. Брза стаза, долги правци, ниска температура… се тоа е предизвик со кој мора да се избориме“, вели Исола.
Програмата во Лас Вегас започнува во четврток со слободните тренинзи, квалификациите ќе бидат одржани во петок, а самата трка е закажана за во сабота од 22 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА