Пеп Гвардиола не е задоволен од игрите и резултатите на Манчестер сити, но каталонскиот стратег не само што ја има поддршката на челниците, туку ќе добие и значителен буџет за да доведе нови суперзасилувања со кои „граѓаните“ во следната сезона повторно би атакувале на шампионската титула. Таблоидот „Сан“ најавува дека Гвардиола ќе има на располагање 200 милиони евра, пари што екс-тренерот на Барселона и Баерн ќе ги потроши само на четири нови фудбалери.
На врвот на неговата листа со желби се наоѓа Обамејанг од Борусија Дортмунд, голгетерот кој веќе најави дека летово ќе ги напушти „милионерите“. Иако се најавува дека Реал Мадрид е сериозен во желбата да го доведе во своите редови, Гвардиола е оптимист дека ќе го доведе интернационалецот од Габон во својот тим, во трансфер вреден 70 милиони евра. Според „Сан“, веќе се стартувани и преговорите со Тотенхем за ангажманот на Дени Роуз, кој би требало да биде достапен за 30 милиони евра и ќе ги реши проблемите на позицијата лев бек, на која тактичките замисли на Гвардиола најдобро не ги исполнуваат ниту Коларов, ниту пак Клиши.
Давид Алаба при соработката во Баерн Минхен го импресионираше трофејниот тренер, па не е изненадување што сега австрискиот интернационалец се наоѓа високо на листата на желби на „граѓаните“. Подготвена е и понуда од 50 милиони евра за услугите на овој фудбалер, а истата сума Гвардиола е подготвен да ја плати и за Ван Дајк од Саутемптон, како големо засилување за одбраната која делува како најслаб дел од тимот сезонава.
Според „Сан“, дел од парите ќе бидат обезбедени од продажба на фудбалерите на кои Гвардиола нема да смета, а први на листата на оние кои ќе си заминат се Серхио Агуеро и Џо Харт, од чие заминување Сити ќе добие најмалку 80 милиони евра. Јаја Туре, кој е најплатен фудбалер на „граѓаните“ во моментов, исто така е пред заминување, но како слободен играч бидејќи договорот му истекува во јули, а се очекува Гвардиола да ги продаде и Сања, Коларов, Компани и Ихеаначо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА