Големиот шпански талент наместо кај Елмас во Наполи, замина во Ал Ахли кај Алиоски

Клубовите од Саудиска Арабија почнаа да инвестираат не само во ветерани со долг фудбалски стаж, туку и во играчи кои важат за најголеми таленти во европскиот фудбал. Таков е случајот со Габри Веига, шпанскиот суперталент од Селта кој доцна синоќа ги договори условите за преселба во Ал Ахли.

Сосема изненадувачки трансфер, ако се знае дека летово за офанзивниот играч за врска се интересираа Ливерпул и Челси, во последните дваесетина дена интензивни преговори водеше Наполи, но италијанскиот првак не успеа да се договори со Селта одбивајќи да ја активира клаузулата од 40 милиони евра (максималната понуда на Наполи изнесуваше 36 милиони).

Ал Ахли по пропаднатиот трансфер на Зиелински се насочи кон нов играч за врска, Веига имаше импресивна сезона во Ла Лига, што беше доволна препорака да добие понуда што не се одбива, која младиот фудбалер експресно ја прифати. До Селта беше испратена понуда од 40 милиони евра за активирање на клаузулата, па трансферот ќе биде официјално комплетиран во следните 48 часа, откако Веига ќе ги мине лекарските прегледи и ќе отпатува на потпис Саудиска Арабија.

За Ал Ахли настапува македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски, а овој клуб летово беше најактивен на пазарот, успевајќи да ги доведе голманот Менди од Челси, турскиот дефанзивец Демирал (екс-играч на Јувентус), Роџер Ибањез од Рома, Кеси од Барселона, Ријад Марез од Манчестер Сити, Фирмино од Ливерпул и Сан Максиман од Њукасл.

Се вчитува...