Големиот талент на Челси се пресели во Њукасл

Њукасл го договори и петтиот трансфер во овој преоден рок откако потпиша договор со Луис Хол, 18-годишниот дефанзивец кој важи за еден од најголемите таленти во Англија кога станува збор за бековската позиција.

Хол пристигнува од редовите на Челси, и тоа на едногодишна позајмица, но со клаузула за следното лето трансферот да стане перманентен за 28 милиони фунти. Иако има само 18 години, овој фудбалер лани имаше 12 настапи за сениорскиот тим на Челси, меѓу нив беше стартер и на двата дуела со Њукасл на кои очигледно прикажа добра игра штом Еди Хау инсистираше на негов ангажман летово.

„Горд сум бидејќи јас и моето семејство сме големи фанови на Њукасл. Доаѓам во голем клуб и едвај чекам да почнам. Среќен сум од начинот на кој напредував во последните години, одиграв неколку дерби средби и знам што значи да се игра во Премиер-лигата. Пресреќен сум бидејќи ќе можам да го носам овој дрес“, изјави Хол, кој ќе настапува со број 20 во новиот клуб.

Се вчитува...