Годината која изминува, ќе остане запаметена и по трансферите на звучни фудбалски имиња во првенството на Саудиска Арабија. Откако „прв повлече нога“ Кристијано Роналдо, кој имаше „привлечен ефект“, неговите стапки ги следеа и некои од познатите имиња, како Карим Бензема, Нејмар, Сергеј Милинковиќ – Савиќ, Александар Митровиќ, Џордан Хендерсон, Фабињо, Ријад Марез, Соко Фофана, Садио Мане, Ахмерик Лапорте, Франк Кеси, Рубен Невеш, Марсело Брозовиќ…
Голем дел од овие играчи беа барани и од неколку европски „гиганти“, меѓутоа тие се одлучија да тргнат по милионите во оваа земја.
Речиси за само неколку месеци, лигата стана многу популарна. Најскап трансфер беше Нејмар кој за 90 милиони евра од ПСЖ се пресели во Ал-Хилал, но нема да може да нстапува за овој тим до крајот на сезоната поради тешка повреда. Втор најскап трансфер е Отавио кој за 60 милиони евра се пресели во Ал-Наср, а на третото место е Малком кој замина во Ал-Хилал за истата сума како и Отавио.
Она за што играчите одат се парите кои ги заработуваат, па така фудбалерите со најголемата заработка играат токму во ова првенство. Никогаш не се објави официјално колку изнесува на платата, но се претпоставува дека Роналдо заработува 220 милиони евра годишно.
Можеби изненадување претставува трансферот на Сергеј Милинковиќ – Савиќ од Лацио во Ал-Хилал. За него се интересираа и Јувентус и Интер, како и некои други клубови од Шпанија и Англија, но тој се одлучи на 28 години да замине во Саудиска Арабија. Слична е ситуацијата со Александар Митровиќ, кој „жареше и палеше“ во Премиерлигата, но за изненадување се одлучи да отиде и да стане соиграч со СМС.
Иста беше ситуацијата и кај тренерите. Неколку звучни имиња од тренерската фела заминаа тмау. Најзвучното е Стивен Џерард, кој седна на клупата на Ал-Етифак. Жорге Жезус беше назначен во Ал-Хилал, Матиас Јесле на Ал-Ахли. Марсело Гаљардо седна на клупата на Ал-Итихад, менувајќи го Нуно Еспирито Санто.
Во Саудиска Арабија првенството го почнаа и Дарко Велковски (Ал-Етифак), и Езгјан Алиоски (Ал-Ахли). Првиот го раскина договорот со клубот, додека вториот не е во комбинација поради тоа што е вишок на странци, и во исчекување на промена на правилото. Алиоски е можно да има нова средина во јануарскиот преоден рок. Дел од оваа лига беше и Александар Трајковски, кој си замина и се пресели во Хајдук.
Сепак, вреди да се напомене дека дел од играчите ги одбија „милионите“ од Саудиска Арабија. Таков е случајот со полските репрезенативци Војчех Шчесни и Роберт Левандовски. Лионел Меси исто така беше поврзуван за трансфер во Арабија, но на крајот се одлучи за САД. Парите од Саудиска Арабија ги одбија и Лука Модриќ, Тони Крос, Томас Парти, Анхел Ди марија, Хеунг-Мин Сон, Ромелу Лукаку…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА