Големо изненадување: Дешамп го враќа Бензема за ЕВРО 2020

Франција ќе биде дополнително засилена за претстојниот европски шампионат откако селекторот Дидие Дешамп во последен момент се премисли и реши во националниот тим да го врати Карим Бензема. Дешамп вечерва во 20.20 часот на ТВ официјално ќе го објави поширокиот список за ЕВРО 2020, на кого меѓу другите ќе се најде и името на асот на Реал Мадрид.

Бензема цели шест години е отстранет од таборот на „триколорите“, поради вмешаноста во случајот за уценување на репрезентативниот колега Матиу Валбуена. „Деветка“ на Реал својот последен репрезентативен натпревар го одигра против Ерменија во октомври 2015 година, по што беше игнориран од страна на Дешамп.

Францускиот селектор пред десетина дена најави дека нема да има изненадувања во неговиот состав, што делуваше како затворање на вратата за камбек на Бензема. Сепак, ситуацијата во последните денови драматично се променила, дел од клучните играчи барале камбек на фудбалерот со кого би се зголемиле шансите за освојување на европската круна, по што стручниот штаб почнал да размислува на темата. На крајот, по консултациите било добиено и зелено светло од претседателот на Фудбалската Федерација на Франција, Ноел де Грает, за Бензема дефинитивно да се врати во националниот тим.

Франција е дел од „групата на смртта“ на овој европски шампионат, каде „триколорите“ ќе се сретнат со европскиот првак Португалија, потоа со моќната Германија и со аутсајдерот Унгарија.

Се вчитува...