Големото промашување на Арсенал играше со Барди, денеска потпиша за Вилјареал

Николас Пепе има нов клуб откако Сенегалецот денеска и официјално потпиша договор со Вилјареал. Крилниот офанзивец најдобрите денови во кариерата ги мина во дресот на Лил, од каде беше продаден во Арсенал за огромни 80 милиони евра.

Тој останува запаметен како најголемото трансфер-промашување на „топчиите“, кои најпрвин го испратија на позајмица во Ница, а потоа и во Трабзонспор каде настапуваше со македонскиот репрезентативец Енис Барди. По истекот на договорот со Трабзон крилниот офанзивец преговараше со неколку клубови, за на крајот да потпише договор со Вилјареал.

Сенегалецот од утре ќе се приклучи на тренинзите на новиот тим, се со цел да биде максимално подготвен за стартот на новата сезона закажан за 19 август, кога Вилјареал во првото коло ќе го пречека тимот на Атлетико Мадрид.

„Жолтата подморница“ претходно ги ангажираше Папе Геје од Олимпик Марсеј, Серџи Кардона од Лас Палмас и младиот фудбалер на Манчестер јунајтед, Камбвала. Од тимот на Вилјареал летово си заминаа: Реина (Комо), Морено (Комо), Бреретон (Саутемптон), Јоргенсен (Челси), Манди (Лил), Серлот (Атлетико Мадрид), Куенка (Фулам), Ромеро (Еспањол), како и искусните Капу и Кокелан кои се уште се без нов ангажман.

Се вчитува...