Синиша Михајловиќ почина во Рим на 54-годишна возраст по битка со леукемија, а добро е познато колку беше почитуван во светот, особено во Италија и Србија.
Од Миха со денови се збогуваа многу светски спортски легенди, но и политичари, музичари и актери. Меѓу сите нив беше и Новак Ѓоковиќ, кој најпрвин објави емотивна порака на социјалните мрежи, а потоа на Мундијалот се појави со крената јака во спомен на Миха.
„Почивај во мир драг Синиша. Сочувство до семејството Михајловиќ. Ви благодариме за се што направивте за нашиот спорт, како и за Италија. Твојот белег е неизбришлив“, напиша Ѓоковиќ пред неколку дена.
Сега новинарот на италијанскиот дневен весник „Република“, Симоне Монари, го откри гестот на Новак за Миха уште во ноември кога српскиот тенисер се натпреваруваше на завршниот Мастерс во Торино.
Поранешниот југословенски репрезентативец во ноември престојуваше во болницата „Папа Јован XIII“ во Бергамо на иновативен третман, а Новак инсистираше да го посети.
„На изненадување на Синиша, Новак Ѓоковиќ, неговиот сонародник, сакаше да го прегрне. Ноле направи се за да го утеши и да го насмее во живо. Зборуваа за сезоната на Новак Ѓоковиќ полна со предизвици, перипетии поврзани со вакцината против корона, победата на Вимблдон… Синиша тогаш веруваше дека може да се излечи. Тој дури и вети на еден навивач дека ќе дојде да го гледа натпреварот на Болоња напролет, а во 2023 година планира да помине една недела во Лондон за да види како Антонио Конте работи со играчите во Тотенхем“, пишува Монари во текстот.
Новак Ѓоковиќ се обиде да ја сокрие средбата со Миха од очите на јавноста, што донекаде и успеа. Михајловиќ повеќе од три години водеше битка со леукемијата, која пред смртта ја победи двапати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА