Македонијa е единствената репрезентација што допатува на овој светски шампионат со двајца голмани без искуство на големите натпреварувања. Кирил Колев и Благојче Трајкоовски се задолжени за чување на мрежата на „црвено-жолтите“ на овој мундијал, а откако на првиот натпревар против Тунис имаа вкупно десет одбрани (двајцата по пет) дуелот со Ангола дефинитивно е можност за дебитантите на ракометните мундијали да „набилдаат“ самодоверба пред пресметките со европските селекции, Словенија, Шпанија и Исланд. Противникот нема да биде потценет, но не е тајна дека бековите на Ангола, кои важат за подобар дел од тимот, се далеку од нивото на туниските, па нашите голмани дефинитивно ќе имаат можност да го подобрат својот процент на успешност.
„Јас уште при првиот повик јасно потенцирав дека притисокот врз нас голманите ќе биде голем. Го чувствуваме тоа на овој мундијал, но победата над Тунис на сите ни ја зголеми самодовербата. Со респект гледаме на Ангола, знаеме дека оваа репрезентација ќе игра подобро отколку на првото коло против Словенија, но сепак очекувам со добра игра од наша страна да стигнеме до победата“, истакна Кирил Колев.
Благојче Трајковски ја имаше улогата на херој со неколку одлични интервенции во финишот против Тунис, па се очекува во ист стил да продолжи и вечерва, против селекцијата што реално е најслаба во групата Б.
„Секојдневно добиваме бројни совети од селекторот Червар што ни се од огромна помош. Тунис е зад нас, се фокусираме на мечот со Ангола, на кој очекувам повторно со колективна игра и помош од нас голманите да стигнеме до триумф“ – порача Трајковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА