Голманот Ивановски прекомандуван во првиот тим на Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер доведе уште еден голман во своите редови, откако битолскиот клуб реши од својата втора екипа во првиот тим да го прекомандува Филип Ивановски. Станува збор за 27-годишен чувар на мрежата кој е дел од битолската ракометна школа и ги има минато сите младински репрезентативни категории.

Некогашниот голман на Вардар јуниор пред четири години се врати во Битола и стави потпис на двегодишен договор со Еурофарм Работник. Следеше прогрес во тимот на Еурофарм Пелистер 2, а од понеделник Ивановски ќе ги започне подготовките со Еурофарм Пелистер.

Со имплементирањето на Ивановски кон вицешампиониот ростер, голманската тројка е комплетирана, битолчанецот ќе се придодаде кон новодојденците Секељи и Кизиќ.

За потсетување, битолските „фармацевти“ уште пред извесно време го прекомандуваа голманот Благојче Трајковски од првиот во вториот тим на Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...