Ко-домаќинот Унгарија се наоѓаше на работ на бездната наречена елиминација од ЕП 2022, но по голема битка вечерва успеа да слави над Португалија со резултат 31-30. Еден од најзаслужните за овој триумф беше голманот на Еурофарм Пелистер, Мартон Секели, кој застана на голот во второто полувреме и блесна во вистински момент, помагајќи на својата селекција да стигне до овој суперзначаен триумф.
Унгарците по почетниот пораз од Холандија во грч влегоа во мечот, па Португалија набрзина поведе со 0-3. Домаќините ја консолидираа играта, до крајот на полувремето се водеше израмнета битка, а на одмор се замина со водство на Португалците од 15-16. Секели направи разлика со влегувањето во игра во вториот дел, овозможувајќи Унгарците да направат пресврт и да го контролираат резултатот во второто полувреме. Голманот на „пелистерци“ имаше и клучна интервенција при 28-28 спречувајќи зицер за водство на Португалија. Во суперинтересната завршница Португалија израмни на 30-30 на дванаесет секунди до крајот, но Мате го постигна победничкиот гол за Унгарците во самиот финиш од мечот. Секели го заврши мечот со десет интервенции, додека најефикасни беа Мате со осум и Лекаи со шест погодоци.
Германија со пресврт во второто полувреме славеше над Австрија со 34-29. Австријците имаа предност во голем дел од првото полувреме, на одмор заминаа со водство од 15-16, но вторите 30 минути минаа во знакот на германските ракометари, кои направија целосен пресврт и славеа со конечни „плус пет“, за пласман во втората рунда по само две одиграни кола. Кастенинг со девет гола ги предводеше стрелците во победничката селекција, додека најефикасен кај Австријците беше Фримел, исто така со девет погодоци.
A string of key saves by Martón Székely and @MKSZhandball 🇭🇺 edge closer to a win … #ehfeuro2022 #watchgamesseemore pic.twitter.com/thDRM9Bc06
— EHF EURO (@EHFEURO) January 16, 2022
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА