Шпанија рутински ги добива натпреварите на стартот од овој мундијал, а селекторот Ривера барем засега им дава подеднаква можност на двајцата голмани да ги покажат своите квалитети. Гонзало Перез де Варгас од Барселона, кој дефинитивно важи за прв голман на „црвената фурија“, по дуелот со Ангола како најава за Македонија не го криеше изненадувањето што нашата репрезентација во своите редови го нема неговиот клупски соиграч Борко Ристовски.
„Чудно е што сте овде без Борко Ристовски, бидејќи тој е клучен играч, голман кој знае да направи разлика во натпреварите. На првите средби голманите ви беа солидни, но дефинитивно за нас би било многу потешко ако Борко ја чуваше мрежата на Македонија“ – изјави Гонзало.
И голманот, како претходно селекторот Рибера, го потенцираше нападот на Македонија „седум на шест“ како главна одлика на нашиот национален тим.
„Денеска Македонија беше без Миркуловски и тоа се одрази врз играта. Ја гледавме оваа репрезентација и очигледно е дека многу се инсистира на напад „седум на шест“, кој секогаш е тешко да се брани, уште повеќе кога згора на тоа противникот има играч како што е Киро Лазаров, кој постигнува многу голови. Имаме три победи од три натпревари први сме во групата и тоа е добро за нас. Треба да ги одмориме малку нозете и ќе бидеме подготвени за Македонија“ – истакна Гонзало Перез де Варгас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА