Еден од најистакнатите домашни прволигашки кошаркари, Горан Главчев, низ последните денови од календарската година, ја заврши соработката со својот досегашен клуб, КК Кожув.
Главчев од вчера не е повеќе играч на гевгелискиот прволигаш, одлучувајќи да се впушти во нов спортски предизвик со стартот на новата година.
„Точно е дека не сум повеќе кошаркар на Кожув. Јас сум речиси дваесет години дел од семејството на Кожув, и секако не е лесно и едноставно да се донесе една ваква одлука. Мислам дека во моментов, поважно од причините за оваа одлука, е тоа што јас искрено им посакувам на моите довчерашни соиграчи, на моите тренери и секако на менаџментот на клубот многу среќа и успех во иднина. Тоа навистина им го посаукувам бидејќи Кожув во изминатиот период стана неизбежен дел од нашето секојдневие“ – изјави за ЕКИПА, Горан Главчев.
31-годишниот Главчев претходно покрај за Кожув, од која кошаркарска школа потекнува, во својата кариера настапуваше и за српскиот Младост Земун, како и за македонските прволигаши Блокотехна, Работнички и Академија ФМП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА