Македонскиот интернационалец Горан Кузманоски, до крајот на сезоната покрај капитенската, ја презема и улогата на прв тренер на Одорхеи. Во романскиот плеј-оф, Одорхеи загуби од Констанца и не успеа да обезбеди пласман во полуфиналето, по што тренерот Влад Чаба си поднесе оставка. Управата на клубот и играчите одлучија тренерската функција до крајот на сезоната да ја преземе Кузманоски кој веќе седум години го носи дресот на Одорхеи, а сезонава му беше и помошник на Чаба. Во последните два натпревари во кои Одорхеи ќе игра против Калараши за 5.место во романскиот шампионат, Горан Кузманоски ќе биде во двојна улога играч-тренер.
„Ова е привремено решение, прифатив да му помогнам на клубот да не бараме тренер за еден месец. Неочекувано испаднавме во плеј-офот и сега ни останува да ги одиграме овие два преостанати натпревари. Јас работев со Чаба и на овие два натпревари ќе бидам во двојна улога како играч и тренер. Понатаму ќе видиме како ќе биде. За следната сезона во план е да биде ангажиран нов тренер, најверојатно од странство, а деновиве ќе биде дефиниран и тимот“ – вели Горан Кузманоски.
Поранешниот македонски репрезентативец најави дека останува во романскиот тим и за следната сезона.
„Добив понуда да играм во Одорхеи и во наредната сезона и најверојатно ќе останам. Деновиве треба да биде дефинирано и тоа“ – истакнува Кузманоски кој своето тренерско деби на клупата ќе го има во сабота, во првиот меч со Калараши на домашен терен.
Одорхеи важи за „македонска колонија“ во Романија. Во актуелниот состав покрај Кузманоски настапуваат и Гоце Ојлески и Милорад Кукоски. Во претходните сезони дресот на овој романски тим го носеа и Лазо Мајнов, Мите Стоилов и Стојанче Стоилов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА